SEARCH COMPANY
Filters
Search
 








СОЛАРЕН САЕМ-МАКСОЛ ЕКСПО 2026 ВО СКОПЈЕ СИТИ МОЛ

СОЛАРЕН САЕМ-МАКСОЛ ЕКСПО 2026 ВО СКОПЈЕ СИТИ МОЛ

Четири дена посветени на соларна енергија, субвенции и нови технологии

Македонската Соларна Асоцијација и Скопје Сити Мол по четврти пат го организираат СОЛАРНИОТ САЕМ - МАКСОЛ ЕКСПО, кој годинава ќе се одржи од 4 до 7 јуни во Скопје Сити Мол.

Настанот ќе обедини повеќе од 25 компании од Македонија и од регионот, што ќе ги претстават најновите производи, технологии и решенија од областа на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност.

Посетителите ќе може да разгледаат широк спектар на соларна опрема, фотонапонски панели, батерии за складирање електрична енергија, топлински пумпи, фото-термални колектори за производство на електрична енергија и топла вода, громобранска заштита, инвертори, роботи и машини за чистење на соларни колектори, соларни сушари, воздушни колектори, електрични велосипеди, полначи, соларни бојлери и друга современа соларна техника.

Новина на овогодинешното издание се два дополнителни сегменти, информации за субвенции и поволни кредитни линии преку програмата „Зелен финансиски инструмент“ (Green Finance Facility - GFF), како и првиот „Инсталатерски ден“, наменет за вмрежување помеѓу компаниите-изложувачи и монтажерите.

Првиот ден од саемот, на 4 јуни е насловен „GFF ден“, според програмата која нуди кредити со грантови за мали и средни претпријатија и одредени целни групи домаќинства за инвестиции во енергетски ефикасни решенија и обновливи извори. Програмата е финансирана од Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој, Владата на Република Северна Македонија и Европската банка за обнова и развој и е имплементирана од  Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со ЕБРД, ИОМ, УНЕЦЕ и финансиските институции. На штандот на GFF, посетителите ќе можe да се запознаат со информации во врска со оваа програма и понудите на банките и компаниите што ќе помогнат во нивната енергетска транзиција. Сите заинтересирани граѓани, компании и монтажери можат да добијат дополнителни информации и навремено да си обезбедат место за презентација на 04.06.2026 на следната адреса.

Преку овие програми, одредени категории граѓани може да добијат и грант компонента како дел од кредитот, меѓу кои и млади до 35 години, повратници од странство, како и семејства каде жената е носител на приходите.

Дополнително, на 6 јуни ќе се одржи и првиот „Инсталатерски ден“, исто така со презентации во Cineplexx, наменет специјално за монтажери, инсталатери и компании од секторот. Пријавата е наменета за членки и кандидати што поминале обука во Солар Македонија и сакаат да се вклучат во настанот, а место може да резервираат на info@solar.org.mk  Целта е да се овозможи директно поврзување, размена на искуства и создавање нови партнерства помеѓу професионалците од индустријата.

Македонската Соларна Асоцијација и Скопје Сити Мол преку организацијата на СОЛАРНИОТ САЕМ - МАКСОЛ ЕКСПО ја потврдуваат својата заложба како општествено одговорни организации, посветени на промоција на обновливите извори на енергија, едукацијата, иновациите и одржливиот развој во Македонија.