SEARCH COMPANY
Filters
Search
 








15 Прашања за Томислав Арсиќ – менаџер на ТРЕНДЛИНЕ дооел СКОПЈЕ

Кој Ви е главниот мотив во менаџерската професија?

Отворањето на приватна компанија и впуштањето во претприемништво и менаџерски води е водено од еден главен мотив – профитот, а со тоа и обезбедување на подобра егзистенција, поинтересен и подинамичен живот. 

На работа сте осамен волк или капитен на тимот?

На работа се трудам да бидам капитен на тимот, но и дел од него. Како мала фирма, со мал број на вработени, се трудиме да функционираме како семејство, без надредени и подредени вработени. Екипа во која секој ја работи својата работа, но ја знае и работата на колегата. Мала екипа но квалитетна, брза и ефикасна. 

Кој лик е поблизок до идеалниот менаџер: на татко или на војсководец?

Татко, ми е посимпатичен симбол за идеален менаџер. Таткото и како карактер во семејството е човекот кој на мирен, достоинствен и компромисен начин ги води работите и семејството. Менаџер „војсководец” барем за мене е чуден термин. Бизнисот не го доживувам како „војна” и како нешто што треба да се води на сила, туку напротив како игра која има полесни и потешки нивоа, но на крај само најдобрите поминуваат во следното ниво.

Може ли по default да се каже дека сите менаџери се „ворхохолици“?

Не ми се допаѓаат работи кој се по default ☺. Да, се согласувам дека сите кои решиле да застанат на чело на една компанија, во дадени периоди од развитокот на фирмите треба да работат малку повеќе за да успеат да достигнат некое ниво, кое понатаму ќе им овозможи позиционирање на пазарот, нови клиенти и успеси. Потребен е труд и работа за да се зачува постигнатото ниво и успех, но низ годините добар менаџер ќе научи кога и колку треба да работи.

Се чуствувате ли и Вие така?  

Едноставно се научив да проценам кога и колку треба да се вложам во работата, а без притоа да почувствувам дека сум се „преработил”. Истакнувајки се себеси како „воркохолик” пред останатите, може и да навреди некого. Сепак, на крајот резултатите се тие кои кажуваат дали е доволно посветено труд и внимание или пак требало повеќе.

Зголемениот адреналин од работењето под dead line притисокот за Вас е слатко задоволство или фрустрација?

Работењето под притисок или бркањето на т.н dead line раѓа возбуда кај секој менаџер, но претпоставувам дека на никој, а за себе можам и да потврдам дека не ми е пријатно. Од друга страна овој модел на работа го става во искушение целиот тим и ја покажува неговата спремност, во релативно краток временски рок да ја заврши дадената задача брзо и квалитетно. Од овој тип на ситуации се учат и воочуваат многу предности и недостатоци на тимот и самата компанија. 

Дали мислите дека имате поизразени натпреварувачки амбиции и колку тие се пресудни за успешноста на бизнисот?

Бизнисот е  самиот по себе еден тип на натпревар, натпревар со самиот себе, натпревар за клиенти и докажување за предностите на тоа што го нудиме кон нив, натпревар со конкуренцијата... Ако немаш натпреварувачки дух не може да имаш успешен бизнис. Загубен меч или нерешено во бизнисот, не носи профит туку загуба.

Конкуренцијата – пријател или непријател?

Лојалната конкуренција секако е најдоброто нешто кое може да му се случи на секој бизнис. Натпреварувањето со конкуренцијата за клиенти или пак со новитети и трендови е нешто што го води и развива секој бизнис напред. Познавањето на конкуренцијата и нејзините можности е добро, за да се воочат предностите и слабостите на сопствената фирма. 

Омилено бизнис мото или народна мудрост на која често се потпирате?

Бизнис мото: кога профитот расте - штеди. Кога профитот се намалува – потроши од заштеденото, средствата да завртат еден круг на пазарот и да се вратат повторно преку нови клиенти.

Како „пливате“ кога не сте менаџер, односно колку е цврста границата меѓу бизнисот и Вашето семејство?

Како менаџер на семејна компанија, понекогаш е тешко да се направи граница меѓу работата и домот. Во почетокот на кариерата дел од работните обврски, планови и проблеми се дискутираа и во рамките на домот, но на тоа не гледам како проблем, туку напортив како на предност во работењето. Од друга страна со созревањето и стекнатото искуство научив да го разграничам моментот работа-дома и слободното време да го искористам за семејството и за некои работи и активности кои ми се допаѓаат и сакам да ги практикувам.

Во атмосферата на кој ресторан се чувствувате свој?

Ресторан Лира. Многу семејни настани, прослави и убави моменти биле одбележани во овој ресторан...

Страствено или пасивно следите спорт? Кој?

Сакам да спортувам, но здодевно ми е следење на спортски активности на телевизија. Последниве години ги следам натпреварите на нашата репрезентација во ракомет, како и клубското натпреварување на ракометниот клуб Вардар.

Филм или театар?

Го сакам и филмот и театарот, но искрено во последните 5-6 години многу ретко имам погледнато филм или театарска претстава. 

Книга за на плажа?

Како родител на две мали деца (3 и 5 години), книга на плажа и не е баш изводлива варијанта. Од друга страна плажата и морето се супер за забава, активности во вода, нуркање, кајакарење, рибарење. Читањето на книга или друга професионална литература го практикувам секогаш кога имам повеќе слободно време, а тоа се есенските и зимските месеци.

Како менаџер со искуство, една Ваша порака до идните менаџери...

Менаџерството е игра, сложување на коцки и повлекување на потези...

Само со јасна цел за тоа каде сме и каде сакаме да стигнеме, со упорност и истрајност се постигнуваат резултати.

Ако не веруваат во себе и своите способности, подобро и да не започнуваат сопствен бизнис или пак да менаџираат одредена компанија.

Leave your comment